Skip to main content
Свет

Унгарскиот Парламент го поддржа предлогот земјата да се повлече од Меѓународниот кривичен суд

20/05/2025  11:15

Унгарскиот парламент денеска го поддржа предлогот на владата за повлекување на земјата од Меѓународниот кривичен суд (МКС).

За одлуката со која Унгарија по 23 години се откажува од Римскиот статут и се повлекува од Меѓународниот кривичен суд, гласаа 134 пратеници, 37 беа против, а седуммина воздржани.

Владата, поднесувајќи го предлогот, наведе дека судот станал политичка организација, отстапувајќи од својата првобитна цел.

– Унгарија најостро го отфрла користењето на меѓународните организации, особено кривичните судови, како инструменти за политичко влијание, се наведува во предлог-законот што го поднесе пред парламентот вицепремиерот Жолт Шемјен.

Иако земјите членки на Европската унија се членки на ова тело, неколку земји (вклучувајќи ги Кина, Русија, Турција, Израел и САД) сè уште не ја ратификувале конвенцијата.

Владата на премиерот Виктор Орбан го најави овој потег на 3 април, кусо по посетата на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху на Будимпешта, за кого овој суд издаде налог за апсење поради наводни воени злосторства во Газа.