
Министерот за надворешни работи на Унгарија, Петер Сијарто, денеска изјави дека неговата земја нема да купува поскапа нафта по диктат на Украина, нагласувајќи дека Унгарија ќе ги брани пониските цени на енергенсите и ќе го чува својот суверенитет, и покрај притисоците од украинскиот претседател Володимир Зеленски.
„Никој не може да ни диктира од каде треба или не треба да купуваме нафта, и никој не може да нè натера да ја купуваме по повисока цена од претходно“, рече Сијарто, додавајќи дека семејствата во многу европски земји плаќаат три до четири пати повеќе за комуналии отколку во Унгарија, објави 4news.mk
Министерот истакна дека балтичките држави долго време „играат како што свири Зеленски“, но дека Унгарија нема да подлегне на украинскиот притисок. „Ние ќе ги заштитиме пониските цени на енергенсите и ќе го браниме нашиот суверенитет“, порача Сијарто.
Нафтата од Русија престана да тече низ нафтоводот „Дружба“ кон Унгарија и Словачка на 27 јануари, а Украина тврди дека причината е руски напад врз нафтената инфраструктура во градот Броди во регионот Лавов. Унгарскиот премиер Виктор Орбан и словачкиот премиер Роберт Фицо изразија сомнеж дека Киев ја користи ситуацијата за политички притисок и мешање во унгарската изборна кампања, додека Украина тврди дека работи на санација на оштетената инфраструктура.


