
Од Зоолошката градина во Скопје информираат дека починала женка од загрозениот вид сијаманг. Смртта на животното се случила неодамна, а причините ќе бидат официјално соопштени веднаш по добивањето на резултатите од обдукцијата, која е извршена од стручњаци од Факултетот за ветеринарна медицина.
„Со цел поголема транспарентност, како што тоа е пракса и од минатото, јавноста ќе биде навремено информирана штом ги добиеме наодите“, соопштија од скопската Зоолошка.
Од таму ги демантираат шпекулациите дека мајмунот бил бремен во моментот на угинувањето, нагласувајќи дека секое животно добива ветеринарен третман веднаш штом се забележат симптоми на болест или повреда.
„Благосостојбата на животните се следи континуирано од страна на вработените, а соработката со Факултетот за ветеринарна медицина ни овозможува современо лекување и дијагностика“, додаваат од ЗОО.
Од институцијата посочуваат дека, и покрај сите преземени здравствени мерки, како и кај луѓето, не секогаш е можно да се спаси животот на болните животни.
Паралелно со официјалната верзија, во јавноста се појавија жестоки реакции и обвинувања. Советникот во Град Скопје, Стефан Кирков, на социјалните мрежи објави дека „Хоророт во Скопската Зоолошка градина и натаму продолжува“, тврдејќи дека починатата мајмунка од видот сијаманг била бремена и дека се работи за еден од најретките и најзаштитени видови во светот.
Според неофицијални информации кои ги наведува, животното било тајно носено во приватни ветеринарни ординации, а раководството на Зоолошката градина – директорот Попов и неговиот заменик Стаменов – молчат за случајот.
„Скопје ЗОО е претворена во куќа на стравот“, се наведува во објавата, во која се повикуваат новинарите да го истражат случајот и се бара одговорност за состојбите во институцијата.
Обвинувањата се насочени и кон градоначалничката Данела Арсовска, која, според авторот на објавата, во интервју јавно ги бранела одговорните во ЗОО.