
Кандидатот на централно-левичарската партија Антонио Хозе Сегуро однесе убедлива победа на вчерашните претседателски избори во Португалија, победувајќи го десничарскиот популистички противник Андре Вентура, јавува ДПА.
Сегуро, од Социјалистичката партија (PS), обезбеди околу 66,8 отсто од гласовите, објави државната телевизија RTP, по пребројувањето на поголем дел од гласовите.
Вентура го призна поразот, додека Сегуро вети дека ќе им служи на речиси 10,5 милиони жители на Португалија.
„Португалскиот народ е најдобриот народ во светот. Одлично“, им рече Сегуро на новинарите во првичната реакција на резултатите. „Со огромно чувство на граѓанска одговорност и посветеност на вредностите на нашата демократија“.
„Победници вечерва се португалскиот народ и демократијата“, додаде проевропскиот политичар пред поддржувачите, пренесе германската агенција.
Конзервативниот премиер Луис Монтенегро му честиташе на Сегуро за неговата изборна победа и изрази увереност дека ќе соработува добро со следниот претседател.
Францускиот претседател Емануел Макрон и претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен, исто така, му честитаа на победникот на изборите.
Околу 11 милиони гласачи со право на глас беа повикани да гласаат во трката за наследникот на конзервативниот претседател Марсело Ребело де Соуза, кој два мандата беше на чело на земјата.
Португалскиот претседател има значителна моќ, вклучително и правото на вето на законите, распуштање на парламентот и распишување предвремени избори, потсетува ДПА.
Се очекува победникот да ја преземе функцијата на 9 март.

