Skip to main content
Скопје

Ултра спортски викенд во Општина Аеродром

15/06/2025  11:59

Аеродром овој викенд е обоен во боите на спортот, добрата забава и незаборавните дружења.
Нашиот Аеродром, кој гордо го носи епитетот – најспортска општина во земјава, овие денови е срдечен домаќин на натпревари по одбојка, кошарка и ракомет, проследени од бројка публика која гласно навива од трибините на спортските игралишта.

Љубителите на одбојка на песок можат да уживаат во Спортската аматерска лига што се одржува на игралиштето на кејот на Вардар. Овој настан има цел уште повеќе да ја промовира одбојката меѓу нашите граѓани, особено кај децата.

Спортското игралиште „Патрик“ зад Три Бисери, пак, е местото каде што годинава се одигрува најатрактивниот 3х3 турнир во градот „SlamJam Skopje“. Учесниците од пријавените бројни екипи, имаат можност да се дружат со професионални кошаркари и од нив да добиваат совети за успешни настапи. Покрај спортскиот дел, овој хуманитарен настан е збогатен со добра музика и дополнителни забавни игри.

Особено сме горди што овие денови се одржува и четвртото издание на Меморијалниот ракометен турнир „Марко Божиновски“ кој има меѓународен карактер.

Пред бројната публика во Спортскиот центар во Ново Лисиче се натпреваруваат ракометните репрезентации до 17 години од Македонија, Катар, Романија, Босна и Херцеговина и Србија.
Им честитаме на сите организатори и им изразуваме огромна благодарност за тоа што го збогатуваат спортскиот живот во нашата општина, која останува верен поддржувач на спортските настани, манифестации и турнири.