Skip to main content
Македонија

Украински новинар од Лавов: Без прекин на огнот нема избори – Зеленски и Залужни можни главни ривали

24/02/2026  22:39

Одржувањето избори во Украина додека трае војната со Русија е практично невозможно без стабилни безбедносни гаранции и формален прекин на огнот, вели новинарот на Канал 24 од Лавов, Даниел Ткиее, во интервју за 4TV.mk. Според него, актуелната позиција на украинските власти е јасна – безбедноста мора да биде предуслов за секој демократски процес.

„Искрено, не можеме да спроведеме избори без безбедност. Нашата позиција, како и позицијата на властите, е – прво безбедност, па потоа избори. Претседателот Володимир Зеленски веќе изјави дека е потребен прекин на огнот од најмалку 90 дена за да може да се организира изборен процес“, истакна Ткиее.

Тој објаснува дека изборите во услови на војна претставуваат исклучително сложен логистички и финансиски предизвик. Освен обезбедување гласачки места и институционална инфраструктура, потребно е да се решат и бројни практични прашања поврзани со милиони раселени граѓани и војници на фронтот.

„Ова е огромен процес кој бара дополнителни финансиски средства. Постојат и сериозни дилеми – како ќе гласаат украинските војници кои во моментов ја бранат земјата од руските напади? Без вистински прекин на огнот тоа е речиси невозможно“, нагласи тој.

Според Ткиее, избори би можеле да се одржат само по постигнување прекин на огнот или мировен договор, но моменталната ситуација покажува дека Украина сè уште е далеку од сеопфатно мировно решение. Како една од најчувствителните точки го посочи регионот Донбас.

„Рускиот претседател Владимир Путин бара Украина да се повлече од целиот регион на Донбас, што Киев не може да го прифати. Станува збор за 45 стратешки градови за кои Русија се бореше повеќе од една деценија“, изјави Ткиее.

Говорејќи за можните кандидати на идните претседателски избори, тој оцени дека најверојатно политичката трка би се сведела на двајца главни претенденти.

„Првиот кандидат би бил претседателот Зеленски. Иако сè уште официјално не ја потврдил кандидатурата, се очекува да учествува. Вториот сериозен противкандидат би можел да биде генералот Валериј Залужни“, рече Ткиее.

Залужни, поранешен врховен командант на украинските вооружени сили и актуелен амбасадор во Обединетото Кралство, ужива значителна јавна поддршка, особено поради неговата улога во одбраната на земјата во првите месеци од руската инвазија.

„Од почетокот на целосната инвазија, Залужни донесе клучни воени одлуки и направи подготовки уште пред почетокот на војната, што помогнаа да се зачува Киев и државата“, потенцираше новинарот.

Според него, токму Залужни во моментов претставува единствена сериозна политичка алтернатива на Зеленски, а евентуална изборна трка меѓу двајцата би била тесна и неизвесна, судејќи според анкетите за јавно мислење.

Осврнувајќи се на европската перспектива на Украина, Ткиее истакна дека постои силна јавна поддршка за членство во Европската Унија. Тој посочи дека американскиот претседател Доналд Трамп се обидел прашањето за членството во ЕУ да го вклучи во рамки на потенцијален мировен договор.

Според одредени извештаи, постоела можност Украина да стане членка на ЕУ до 2027 година доколку се постигне прекин на огнот, но германскиот канцелар Фридрих Мерц оценил дека таквиот рок е нереален поради сложените процедури и правилата на Унијата.

„Сè ќе зависи од политичката волја на европските лидери и од исполнувањето на реформските услови. Украинците сакаат членство што е можно побрзо и под подобри економски и трговски услови, а тоа ќе биде задача на украинската дипломатија и Владата“, заклучи Ткиее во интервјуто за 4TV.mk.