Skip to main content
Македонија

Укинати два члена од Законот за изменување и дополнување на Изборниот законик

20/05/2025  18:00

Уставниот суд со мнозинство гласови ги укина членовите 17 и 18 од Законот за изменување и дополнување на Изборниот законик. Претседателот на Судот, д-р Дарко Костадиновски во изјава за медиумите ги образложи причините за оваа одлука. Претседателот Костадиновски нагласи дека со членовите се направени повреди и од материјална и од формална природа.

-Нашите сомнежи за материјалната и формалната повреда на законските одредби се потврди. Во поглед на материјалните, станува збор за повреда на политичкиот плурализам кој претставува темелна вредност на нашиот уставен поредок. Општо познато е дека политичкиот плурализам создава позитивни обврски за државата, што значи државата да овозможи ефективно изразување и подеднакви услови на изразувањето на политичката мисла од било кого, не само за политичките партии. Да обезбеди еднакви и фер услови за политички натпревар, што за жал со укинатите одредби, не било сторено. Се повредува и пасивното право на граѓаните и избирачкото право на граѓаните.

Во поглед на формалната страна, Судот оцени дека измените на Изборниот законик не се технички, туку станува збор за суштински измени, станува збор за промена на условот под граѓаните како изборни субјекти може да предлагаат кандидатски листи за учество на изборите и последиците од таквите измени ги засегаа директно правата на граѓаните. Сето ова наместо да се направи на еден неопходен и нужен демократски начин, направено е по скратена постапка, сосема нетранспарентно, без јавна расправа дури и без дискусија и тоа непосредно пред одржувањето на изборите, со што кај Уставниот суд се појави впечаток дека овие измени се направени во суштина за политичките партии, со единствена цел да се намали бројот на независните кандидати, на самиот број на изборната трка, изјави Костадиновски.

За правните импликации претседателот Костадиновски објасни:

Бидејќи станува збор за укинувачка одлука, а не поништувачка, општо познато е дека ние не сме Законодавец, тоа значи дека со оваа одлука, претходното правно правило не’ оживува. Ние не сме Законодавец, ние може да отстраниме спорни норми. Ова значи дека Законодавецот во најскоро можно време треба да пристапи и да ја пополни оваа правна празнина со нашата одлука, во спротивно со евентуално непостапување би значело дополнителна повреда и дополнително стеснување на слободите и правата на граѓаните и тешка повреда на политичкиот плурализам, сите темелни вредности на нашиот поредок.

На прашањето дали може да се доведат во прашње претходните избори, претседателот Костадиновски изјави дека не може да се констатира такво нешто, бидејќи оваа одлука има pro futuro, дејство, е укинувачка а не е поништувачка. Важи од денот кога ќе биде објавена во Службен весник, па натаму.

На прашањето што доколку Собранието не го регулира ова прашање, претседателот на Уставниот суд изјави:

Веќе кажав, тоа е тешка повреда на човековите слободи и права и тешка повреда на политичкиот плурализам. Во овој момент нема правно правило во кои услови независните граѓани ќе учествуваат. Собранието е должно веднаш да пристапи во уредување на оваа состојба и притоа веднаш да ги земе во предвид сите наши стојалишта.

Судијата проф. Д-р Осман Кадриу ги образложи аргументите зошто Судот одлучи да ги укине одредбите од Деловникот на Советот на јавни обвинители кои се однесуваат на оценување на обвинителите:

-Со тие одредби, Советот на обвинителите за себе воспоставил право, членовите додека работат како членови во Советот да ги третира како обвинители, а тие всушност не се обвинители, а нивното работење во Советот на јавни обвинители да се третира како обвинителска дејност, што е апсурд. Ваквите одредби се во директна спротивност со Законот за јавното обвинителство и со Уставот. Судот беше едногласен во ставот дека спорни се овие одредби, како услови за членовите на Советот на јавните обвинители да бидат унапредени и нивната работа да се цени како обвинителстка дејност, а нивниот статус како членови на Совет на јавните обвинители. Таквите услови да се вградуваат и да се предвидуваат како еден начин на привилегија на Советот на обвинителите за унапредување на тие членови, претставува дискриминација за другите обивнители кои работат и се цени нивната работа, а тоа е услов за унапредување, па сега нивните места ги заземаат овие членови од Советот на јавни обвинители, изјави судијата Кадриу.

Во врска со одлуката на Управниот суд со кој се поништи изборот за уставен судија на Елизабета Дуковска

Вчера Уставниот суд на работен состанок долго ја разгледуваше настанатата правна состојба, која ја оценивме како правен преседан кој не сме го виделе во изминатите 34 а веројатно и во шеесетина години. Кажавме дека не ја коментираме одлуката на Управниот суд. Излеговме со соопштение и ја кажавме првата правна последица, а тоа е одложување на подготвителната седница за Законот за употреба на јазиците. Немам што да додадам или одземам од ставот што веќе го имаме како Уставен суд. По сила на Уставот, нашите одлуки се конечни и извршни.

Меѓу судиите имаме различни стојалишта, што значи ова за уставното судство, но јас ќе се воздржам, веќе ние имавме заземено став како суд. Ќе оставиме да видиме и науката и струката ако има потреба и Уставниот суд во иднина да се произнесеме за оваа состојба, бидејќи ова е состојба и има правни импликации кои веќе ги гледаме.
Според судијата Кадриу, спорни се неколку аспекти во врска со одлуката на Управниот суд.

Дали може Управниот суд да поништи одлука за избор на судија на Уставен суд и тоа е дискутабилно. А, другото што е проблематично и тука носи вина управното судство, не се впуштаме ние во законитоста на нивната одлука, зарем е можно за избраниот судија, Управниот суд се произнесува со поништувачка одлука после две години, изјави судијата Осман Кадриу.