
Државниот Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје не се најде на листата на 2.000 најдобри универзитети во светот за 2025 година, која ја објави престижниот Центар за рангирање на светски универзитети (CWUR).
Според новообјавената листа, петте највисоко рангирани универзитети се Харвард, Масачусетскиот институт за технологија (MIT), Стенфорд (САД), како и Кембриџ и Оксфорд (Велика Британија).
За разлика од УКИМ, кој минатата година беше на 1.990. место, Универзитетот во Белград е рангиран на високото 387. место, што го вбројува меѓу 1,9 проценти од најдобро рангираните високообразовни институции во светот.
CWUR го базира рангирањето на универзитетите според неколку клучни фактори: квалитетот на образованието (25%), вработувањето на поранешните студенти, квалитетот на наставниот кадар, како и истражувачките перформанси, научните трудови, висококвалитетните публикации, влијанието и бројот на цитати.
Центарот за рангирање на светски универзитети ја објавува глобалната листа на универзитети од 2012 година и важи за еден од најрелевантните показатели за академскиот и научниот кредибилитет на високото образование на светско ниво.