Skip to main content
Економија

УЈП: Секој случај за платен данок во странство ќе се разгледува поединечно

05/01/2026  17:04

Директорката на Управата за јавни приходи, Елена Петрова, на денешната прес-конференција ги повика граѓаните кои оствариле приходи во странство и таму платиле данок, да достават соодветна потврда во која било даночна канцеларија. Таа нагласи дека секој предмет се разгледува поединечно и дека од конкретните околности зависи дали ќе има обврска за дополнително плаќање данок. Според Петрова, постапката зависи од повеќе фактори, меѓу кои резидентниот статус на лицето, дали со конкретната држава постои договор за одбегнување на двојно оданочување, како и видот и третманот на остварениот доход.

Таа посочи дека во јавноста има погрешни толкувања, особено за хонорарните приходи во одредени земји, и апелираше да не се даваат генерални заклучоци, туку секој случај да се провери директно во УЈП. Во врска со реакциите зошто се отвораат предмети од 2020 година, Петрова објасни дека рокот за застарување е пет години и дека УЈП имала обврска да ги процесуира случаите до крајот на 2025 година. Таа додаде дека во минатото не постоел соодветен систем за анализа на податоците што пристигнувале од банките, поради што постапувањето не било навремено. Петрова истакна дека анализата опфатила селекција на приливите кои, согласно закон, се оданочливи, како и нивно вкрстување со други системи за да се утврди кои граѓани поднеле даночни пријави.

Со оглед дека станува збор за податоци од пред пет години, таа увери дека УЈП ќе покаже разбирање и дополнително ќе прифаќа докази за платен данок во странство. Во однос на наводите дека на дел од граѓаните им биле одбиени доставените потврди, Петрова рече дека за такви случаи дознала од медиумите и нагласи дека вработените во УЈП имаат јасни насоки за постапување. Коментар даде и за протестот што неодамна се одржа во Куманово од страна на граѓани кои работеле во Авганистан и Ирак, а кои тврдат дека таму веќе платиле данок и најавија тужби против државата. Петрова порача дека протестот и управните спорови се легитимно право, но ги повика граѓаните најпрво да ги достават доказите до УЈП за да се утврди дали платениот данок може да се признае.

За 2020 година, по извршените анализи, УЈП испратила над 11.000 покани до граѓани кои работеле во странство. Од нив, кај 6.600 е утврдена даночна обврска, додека кај останатите е утврдено дека доходот не подлежи на оданочување. Вкупно утврдениот данок изнесува околу 186 милиони денари, односно околу три милиони евра. Петрова најави дека следува проверка и за 2021 година, како и за сите наредни години заклучно со 2025. Таа потсети дека системот во државата се темели на самооданочување и дека обврската за пријавување на доходот и доставување докази е на самите граѓани, без разлика дали данокот е платен во земјата или во странство.