
Управата за јавни приходи ги повика организаторите на зелените пазари најдоцна до 31 декември да поднесат извештај за корисниците на продажните места преку системот е-УЈП. Извештајот се доставува одделно за секој пазар, а при промени во бројот на корисници потребно е навремено ажурирање.
Од УЈП појаснуваат дека паушално се оданочуваат само физички лица кои продаваат сопствени земјоделски производи, додека останатите продавачи мора да бидат регистрирани согласно Законот за трговски друштва и да се оданочуваат според соодветната форма. За сезонските пазари потребно е претходно известување за да бидат евидентирани како такви во системот.
Врз основа на доставените податоци, УЈП ќе донесе решенија за паушално оданочување најдоцна до 31 јануари 2026 година, а месечните аконтации за данок ќе се плаќаат до 15-ти во месецот за претходниот период. Од Управата апелираат на навремено и точно доставување на податоците со цел да се избегнат прекршочни санкции и да се обезбеди правилно оданочување.

