Skip to main content
Македонија

УЈП казни речиси 300 угостителски објекти по контроли во трговски и туристички објекти низ државата

16/07/2025  20:45

Една третина од исконтролираните угостителски објекти кои биле цел на контрола на Управата за јавни приходи (УЈП), во период од јуни до првата половина на јули добиле соодветни казни поради утврдени неправилности. Станува збор за 294 субјекти, за кои како што велат од УЈП, биле изречени 212 глоби за неиздавање фискални сметки, 49 казни за неводење книга за дневни финансиски извештаи, дваесет глоби за фискални сметки без пропишани елементи.

„Дополнително, осум санкции за нерегистрирана резервна фискална апаратура, две глоби за неисправен фискален апарат и по една глоба за неиздавање парагон-блок, за некористење одобрен фискален апарат и за неводење итна сметководствена книга“, велат од УЈП.

Оттаму велат дека контролите биле насочени кон трговци и угостители во целата земја и кај субјекти кои вршат дејност во туристички места и локации со зголемена фреквенција на посетители, како ресторани, аква-паркови, плажи, базени и објекти за изнајмување на спортско-рекреативна опрема.