Skip to main content
Економија

УЈП: Даночно намалување кај данокот на личен доход и данокот на добивка

16/01/2025  09:41

Управата за јавни приходи ги потсетува вршителите на дејност кои водат деловни книги и даночните обврзници за данокот на добивка кои во текот на 2024 набавиле и ставиле во употреба до 10 фискални системи на опрема односно фискална апаратура и интегриран автоматски систем за управување согласно Законот за регистрирање на готовинските плаќања, најдоцна до 20-ти јануари до Управата за јавни приходи да поднесат :

  • Барање за одобрение на даночно ослободување по основ на воведување на фискален систем на опрема, односно фискална апаратура и интегриран автоматски систем за управување (образец „ДЛД-02“), заради намалување на пресметаниот данок на личен доход во Годишниот даночен биланс за 2024 (образец „ДЛД-ДБ“), кое се поднесува електронски преку https://e-ujp.ujp.gov.mk или во хартиена форма до архивата на организациската единица на УЈП.
  • Барање за издавање на одобрение за намалување на пресметаниот данок на добивка по основ на воведување и користење фискален систем на опрема, односно фискална апаратура и интегриран автоматски систем за управување (образец „ДД-07″), заради намалување на пресметаниот данок на добивка во Даночниот биланс за оданочување на добивката за 2024 година (образец „ДБ”), електронски преку https://etax-fl.ujp.gov.mk/ или во хартиена форма до архивата на организациската единица на УЈП.

Во прилог на барањата ДЛД-02 и ДД-07 задолжително се поднесува, односно прикачува:

  1. Копија од фактура/и за извршена набавка на фискален систем на опрема и/или
  2. Друг доказ за извршена набавка на фискален систем на опрема.

Неискористеното право на намалување на пресметаниот данок на личен доход, односно данок на добивка во ДЛД-ДБ за 2024 односно ДБ за 2024, може да се пренесе во следните периоди, сѐ до неговото целосно искористување.

За дополнителни информации или поддршка во врска со барањата ДЛД-02 и ДД-07 може да се обратите до Контакт центарот на УЈП на:

е-пошта: info@ujp.gov.mk

Телефонски броеви: 0800 33 000 и 02 3253 200