Skip to main content
Скопје

Угина 17-годишен европски бизон во ЗОО Скопје

11/09/2025  17:14

Со голема тага од Зоолошката градина во Скопје информираа дека утрово угинал европскиот бизон, еден од најимпресивните и најретки жители на градината. Животното имало 17 години, што е во рамките на просечниот животен век на оваа видлива дива фауна, кој се движи од 14 до 20 години.

Бизонот пристигна во скопската Зоолошка градина во 2011 година и повеќе од една деценија беше атракција за посетителите. Пред околу година и половина му била дијагностицирана пневмонија, по што започнал долготраен процес на терапија и внимателно следење од страна на тимот ветеринари и неговите негуватели.

„Иако со многу посветеност успеавме да ја стабилизираме неговата состојба, во изминатите две недели повторно покажа знаци на слабост и отежнато дишење. Веднаш беше вклучена интензивна секојдневна антибиотска терапија и постојан надзор, но за жал, и покрај сите наши напори, не успеавме да го спасиме,“ наведуваат од Зоолошката градина.

Од таму додаваат дека заминувањето на овој европски бизон претставува голема загуба за институцијата и за сите љубители на животните.