Skip to main content
Македонија

Учество на министерот Муцунски на Самитот на НАТО во Хаг

23/06/2025  18:29

На покана на Генералниот секретар на НАТО, министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, утре и задутре ќе учествува на Самитот на НАТО во Хаг, како дел од државната делегација предводена од претседателката Гордана Сиљановска-Давкова.

На првиот ден, министерот Муцунски ќе учествува на работната вечера во форматот Совет НАТО–Украина, заедно со министрите за надворешни работи на земјите членки, украинскиот министер Андреј Сибиха и високата претставничка на Европската Унија и потпретседателка на Европската комисија, Каја Калас.

Паралелно, на 24 и 25 јуни ќе се одржи НАТО јавниот форум – висок дипломатски настан со учество на државници и експерти, посветен на клучните безбедносни предизвици.

На вториот ден, по покана на Генералниот секретар на НАТО, министерот Муцунски ќе учествува на панел-дискусија за лидерството и улогата на младите во справување со современите безбедносни ризици, како и заложбата за инклузивна и одржлива безбедносна политика.

Истата вечер, министерот Муцунски, како дел од државната делегација, ќе учествува на состанокот на Северноатлантскиот совет на ниво на шефови на држави и влади, на кој ќе се усвојат одлуки и насоки за дејствувањето на Алијансата во актуелниот безбедносен контекст.

По завршувањето на формалниот дел од Самитот, на покана и во организација на Atlantic Forum, министерот Муцунски ќе учествува на настан посветен на клучните одлуки од Самитот во Хаг, со фокус на рамноправната распределба на одговорностите меѓу сојузниците, јакнењето на индустриското производство во одбраната и дигиталните иновации во поддршка на одбранбените капацитети на НАТО.