
Загриженост, револт и барање за итна реакција владеат меѓу дел од родителите чии деца посетуваат настава во ООУ „Киро Глигоров“ во општина Центар, по инцидент што се случил на 9 февруари 2026 година, кога ученик од четврто одделение извадил нож од училишниот ранец за време на првиот час. Благодарение на навремената и смирена реакција на наставничката, не дошло до посериозни последици, а ученикот веднаш бил изведен од паралелката. По настанот била контактирана мајката, која потпишала изјава дека ножот по грешка го ставила во ранецот при подготовка на појадокот.
Сепак, за дел од родителите ваквото објаснување не е доволно и тие тврдат дека инцидентот не е изолиран случај. Родител кој се обратил до медиумите вели дека подолг временски период неговото дете, заедно со останатите соученици, се соочувале со страв, притисок, физички напади и вознемирување од истиот ученик. „Како родител, не се чувствувам пријатно кога секојдневно го испраќам моето дете на училиште со страв за неговата безбедност. Особено загрижува фактот што по овој сериозен инцидент не видовме јасни, транспарентни и ефикасни мерки, туку беше прифатена изјава дека станува збор за грешка“, наведува родителот, додавајќи дека според него проблемот трае со години и континуирано се минимизира.
До редакциите е доставен и заеднички писмен став од поголема група родители од одделението, во кој се наведува дека веќе четири години се соочуваат со сериозни проблеми во однесувањето на истиот ученик, вклучително и напади со ножици врз соученици, вербални закани, психофизички притисок и нарушување на наставниот процес. Родителите посочуваат дека наставничката вложувала максимални напори професионално да ја одржи дисциплината и безбедноста во паралелката, но дека, според нивниот впечаток, раководството на училиштето не презема доволно ефикасни и трајни мерки за решавање на проблемот. Тие изразуваат сомнеж дека инцидентите се релативизираат со цел да се зачува угледот на училиштето, наместо приоритет да биде безбедноста на учениците. Дополнително, наведуваат дека комуникацијата со родителите на ученикот е нарушена, што ја усложнува ситуацијата и ја намалува довербата.
Од ООУ „Киро Глигоров“ велат дека постапиле веднаш и согласно законските прописи. Директорката Билјана Билбиловска изјави дека случајот бил пријавен кај директорот, стручната служба, родителите и надлежните институции, а извршен бил и увид од страна на Државен просветен инспекторат и советници од Биро за развој на образование. Според неа, било констатирано дека училиштето постапило согласно законските акти и интерните правилници. Изготвен е писмен план за поддршка кој предвидува индивидуална работа со психолог и специјален едукатор, засилена опсервација, работа со паралелката на социјални вештини и редовна комуникација со родителите. Од училиштето нагласуваат дека не било утврдено заканувачко однесување ниту намера за повредување и дека остануваат посветени на создавање безбедна и инклузивна средина за сите ученици.
Со случајот е запознаена и министерката за образование и наука, Весна Јаневска, која изјави дека Државен просветен инспекторат постапува и ќе состави записник, по што ќе се утврди дали се потребни дополнителни мерки. Таа посочи дека е неопходна функционална проценка на детето и дека, доколку наодите го наложат тоа, можно е дел од наставата да ја следи во друга установа и да добие образовен асистент. Случајот го следи и Министерство за образование и наука, додека родителите најавуваат дека ќе продолжат да бараат транспарентност и конкретни чекори, нагласувајќи дека безбедноста на учениците мора да биде врвен приоритет и дека довербата во образовниот систем се гради со јасни, навремени и одговорни реакции.


