Skip to main content
Македонија

Ученик од Миравци дискриминиран поради фризура

04/01/2025  22:45

Комисијата за спречување на дискриминацијата на крајот на декември донесе одлука за утврдување на директна дискриминација врз ученик од основното училиште „Свети Климент Охридски“ во гевгелиското село Миравци.

Инцидентот започнал во септември, кога директорката и класната раководителка на ученикот инсистирале тој да доаѓа на училиште со „средена“ фризура. Кога ученикот дошол со кратко потстрижани страни и долга коса фатена во опавче, наставничките побарале од неговата мајка да дојде на училиште.

За време на разговорот, детето, вознемирено и расплакано, само си го отсекло опавчето со ножици. Следниот ден, ученикот дошол на училиште со новата фризура, но директорката и понатаму инсистирала на почитување на кодексот, иако со слична фризура биле и еден вработен во училиштето и ученичка од осмо одделение.

Кога педагогот ја предупредил мајката дека нејзиниот син може да добие укор пред исклучување, таа одлучила да го пријави случајот пред Комисијата за спречување на дискриминацијата.

Комисијата утврдила дека станува збор за дискриминација врз основа на родови стереотипи и препорачала училиштето да ги ревидира своите интерни акти. Доколку вакви случаи се повторат, во рок од три месеци ќе биде поднесена прекршочна пријава против училиштето.