Спречен е голем инцидент кога ученичка од осмо одделение во основно училиште во хрватскиот град Задар вчера објавила список со ученици и наставници од нејзиното одделение што сакала да ги убие бодејќи ги со нож. Неколку дена претходно, ученици од едно средно училиште во Сплит на социјалните мрежи објавија список што го нарекоа „Список на смртта“, во кој беа вклучени 17 ученици и наставници од нивното училиште. Минатата недела студент на Сплитскиот универзитет се заканувал дека ќе дојде на универзитетот со пиштол.
Хрватската јавност и натаму е во шок од трагедијата во загрепското училиште „Пречко“, па последниот наплив на насилни најави од ученици дополнително ги вознемири сите во училиштата, но и родителите. Многумина предупредија дека заклучувањето на училиштата, спроведено по случајот од „Пречко“, нема да го реши главниот проблем, а тоа е насилството во училиштата. Родителите кои контактираат со медиумите посочуваат, на пример, дека ученикот од Задар во минатото бил проблематичен, склон кон инциденти. Студентите од Сплит, соочени со тешки обвинувања и полиција, веднаш се покајаа и рекоа дека „се шегувале“. И сите се прашуваат што ќе биде понатаму, како да се заштитат децата од насилство, пишува „24 сата“.
Што се однесува на самите „списоци“, двете училишта навремено реагираа, согласно Протоколот за постапување во случаи на насилство меѓу деца и младинци. Учениците инволвирани во овие злодела беа суспендирани од настава на осум дена, а случајот беше пријавен во полиција, во надлежното министерство и во Заводите за социјална заштита. Но, тоа тешко може да ја намали непријатноста. Некои родители по овие најави не ги пуштија децата на училиште и не се задоволни од решенијата.
Од Канцеларијата на Народниот правобранител за деца посочуваат дека е „тешко да се утврди зошто има зголемување на насилството во општеството, вклучително и насилството меѓу децата или дали децата денес се понасилни од порано“.
– Денеска искуството е секако поинакво, како и проблемите со евидентирањето и пријавувањето. Се појавија нови форми на насилство, особено на интернет и социјалните мрежи. Покрај постојаната превенција и едукација што мора да потекнува од семејството, потоа училиштето и околината, исклучително важен е „навремениот и соодветен правен и професионален одговор на секое насилство и закани“, велат од Канцеларијата.