
Турската полиција уапси 62 лица осомничени за поврзаност со организирана мрежа на измамници кои се претставувале како гатачи и медиуми, јавија локалните медиуми.
Групата е обвинета за измама и изнуда на клиенти преку интернет, искористувајќи ја довербата и религиозните чувства на граѓаните. Според весникот „Хуриет тудеј“, во координирана акција спроведена во 29 окрузи низ земјата, полицијата извршила претреси на повеќе адреси и привела десетици лица.
При акцијата биле запленети 2 ПОС-уреди, 62 мобилни телефони, 73 СИМ-картички, 2 ССД-картички, 3 лаптопи, 4 десктоп компјутери, како и голем број документи и дигитални материјали кои се користеле во измамничките активности.
Локалниот весник „Сабах“ јавува дека жртви на групата биле стотици луѓе, кои плаќале за „предвидувања“ и „ритуали“ што наводно требало да им помогнат да решат лични или семејни проблеми.
Гатањето е широко распространето во Турција, особено на интернет, каде што илјадници профили нудат „енергетски читања“, „љубовни магии“ и други слични услуги. Турските власти редовно ги предупредуваат граѓаните да не наседнуваат на вакви огласи и да пријават сомнителни профили.
Медиумите потсетуваат дека во јули годинава беа уапсени и основачите на две популарни страници за гатачи, кои исто така се товарат за масовна измама преку интернет.

