На 19 јануари 2025 година, околу 20:00 часот, на автопатот Демир Капија – Неготино, полициски службеници од Полициската станица за граничен надзор Михајлово, при Регионалниот центар за гранични работи Југ, го лишиле од слобода Е.Ф. (19) од Радовиш. Тој во возило „Фолксваген Голф“ со кумановски регистарски ознаки превезувал шест мигранти, три од Непал и три од Индија.
Претходно, Е.Ф. не застанал на знак за запирање даден од полицијата на наплатната станица Демир Капија, туку продолжил да се движи кон Гевгелија. Во текот на бегството, влегол во тунел каде се изведувале градежни работи и со возилото удрил во работна машина.
Мигрантите се сместени во Транзитниот центар Табановце за понатамошна постапка, додека по целосното документирање на случајот, против Е.Ф. ќе биде поднесена соодветна кривична пријава.