Skip to main content
Хроника

Хорор во Скопје: 25-годишник држел девојка како заложник и ја силувал

06/03/2026  15:00

Дваесет и петгодишниот Е.А. од Скопје е лишен од слобода откако полицијата открила дека со денови држел во заробеништво, физички малтретирал и силувал 22-годишна жена.

Според информациите од Министерството за внатрешни работи, жртвата неодамна пристигнала од Германија за да се сретне со осомничениот, со кого претходно се познавала.

Пеколот за младата жена започнал на 23 февруари, кога во неговиот дом во скопската населба Гази Баба тој физички ја нападнал, извршил обљуба врз неа и постојано ѝ упатувал закани по животот.

За да го прикрие делото и да ја спречи да побара помош, осомничениот ѝ го одзел мобилниот телефон и ѝ забранувал да го напушта домот сама.

Драмата завршила на 4 март, кога жртвата успеала тајно да дојде до телефон и да ѝ се јави на својата мајка. Таа веднаш ја известила полицијата, по што екипи на СВР Скопје пристигнале на посочената адреса, извршиле проценка на ризикот и ја спасиле девојката.

Осомничениот бил уапсен вчера, на 5 март, во 16:55 часот. За случајот е известен јавен обвинител, а по целосното документирање на доказите против него ќе биде поднесена кривична пријава по брза постапка.