Skip to main content
Македонија

Уапсен братот на претседателката на Кривичен суд – нов скандал во истрагата за „Пулс“

20/11/2025  11:43

Во координирана акција на Основното јавно обвинителство Кочани и Министерството за внатрешни работи, утрово е уапсен Драган Паунов, вработен во Управата за јавни приходи – Штип. Паунов е брат на в.д. претседателката на Кривичниот суд – Скопје, Даниела Димовска, а според истрагата, тој бил во континуирана комуникација со синот на сопственикот на кочанската дискотека „Пулс“, Дејан Јованов – Деко.

Размената на пораки меѓу Паунов и Јованов е дел од доказниот материјал во истрагата. Неговото име првпат беше спомнато во сторија на ИРЛ, каде беа објавени комуникации меѓу Михајло Јованов и инспектори од УЈП, ДПИ и полициски структури. Во тие пораки се наведуваат сомнежи за договорени дојави пред инспекциски контроли, потенцијални подароци како поткуп и информации дека полициски службеници биле редовни посетители на дискотеката иако локалот работел без исполнети законски услови.

Од МВР потврдија дека се спроведуваат активности на повеќе локации низ државата.

„Полициски службеници од СВР Штип и ОВР Кочани, во соработка со Одделот за криминалистичка полиција, по насоки на ОЈО Кочани преземаат повеќе активности. По завршувањето на акцијата јавноста ќе биде соодветно информирана,“ соопштија од МВР.

Според најавите, повеќе детали се очекуваат во текот на денот.