Skip to main content
Македонија

Турското знаме подигнато пред Општина Кичево

21/12/2025  15:30

Покрај македонското и албанското знаме, од вчера официјално се вее и турското знаме пред зградата на Општина Кичево. Свечената церемонија на подигнување на знамето се одржа во пресрет на 21 декември Денот на наставата на турски јазик.

На настанот присуствуваа турскиот амбасадор во Скопје Фатих Улусој, министерот за социјална политика, демографија и млади Фатмир Лимани, градоначалникот на Кичево Александар Јовановски, претседателот на ТДП Зулфикар Зејнула, како и бројни граѓани.

Амбасадорот Улусој истакна дека церемонијата има посебно значење, бидејќи се одржува во пресрет на 21 декември.

„Задоволни сме што церемонијата на кревање на нашето знаме со полумесечина и ѕвезда се одржа во пресрет на Денот на турската настава. Подготвени сме да ја обезбедиме бараната институционална поддршка за зголемување на употребата на турскиот јазик, како службен јазик, во Кичево“, изјави Улусој.

Градоначалникот Јовановски нагласи дека подигнувањето на турското знаме е симбол на почит, пријателство и долгорочна соработка.

„Во официјална и почитувана атмосфера ги нагласивме добрите традиционални односи меѓу Република Северна Македонија и Република Турција, особено на локално ниво. Општина Кичево ќе продолжи да ги негува вредностите на мултикултурализам, меѓусебно почитување и соработка“, истакна тој, честитајќи им го празникот на припадниците на турската заедница.

Министерот Лимани, обраќајќи се на присутните, порача дека турскиот јазик е составен дел од културното и јазичното богатство на државата.

„Преку образованието на мајчин јазик се зајакнува чувството на припадност, еднаквост и достоинство, особено кај помладите генерации. Горди сме на богатото културно наследство и на одличните билатерални односи меѓу Северна Македонија и Турција“, рече Лимани.

Со свеченоста во Кичево уште еднаш беше потенцирана определбата за инклузивни политики и градење општество во кое различностите претставуваат заедничка вредност.

ЛИНК ДО ВИДЕО