
Фудбалерите на Шкендија денеска го претрпеа првиот пораз во плејофот од Конференциската лига, откако на Националната арена „Тодор Проески“ во Скопје загубија со 1:0 од турскиот Самсунспор.
Гостинскиот тим ја оправда фаворитската улога и до победата стигна со погодок постигнат во второто полувреме. Решавачкиот момент се случи во 77. минута, кога Мариус ја затресе мрежата на Шкендија по асистенција на Холсе.
Самсунспор можеше уште порано да дојде во водство, но Ндиаје не успеа да реализира пенал во седмата минута од натпреварот.
Статистиката целосно беше на страната на турскиот состав, кој имаше дури 70 проценти посед на топката и упати 17 удари кон голот, од кои седум во рамките. Шкендија, пак, имаше само три обиди, со еден удар во рамките на противничкиот гол.
Реванш натпреварот од двомечот ќе се одигра на 26 февруари во Самсун со почеток од 18:45 часот, каде тетовскиот тим ќе се обиде да ја надомести негативата и да избори пласман понатаму.

