
Турскиот министер за транспорт, Абдулкадир Уралоглу, доби казна за пречекорување на брзината, откако на социјалните мрежи објави видео во кое вози со дури 224 километри на час на автопат. Видеото било наменето за промоција на автопатот Анкара–Нигде, но на снимката јасно се гледа дека министерот вози со значително поголема брзина од дозволените 140 километри на час, пренесе турскиот информативен портал T24.
Објавата веднаш предизвика лавина реакции на социјалните мрежи. Корисниците го обвинија министерот за непочитување на правилата и испратија низа критики. „Зошто не ги почитувате ограничувањата на брзината, господине министер?“, праша еден корисник, додека друг саркастично напиша: „Ова е земја каде министерот не ги почитува ограничувањата, а граѓаните се казнуваат без проблем“.
По јавниот притисок, Уралоглу призна дека бил регистриран од радар и дека добил казна за прекршокот. „Седнав зад воланот за да го проверам автопатот Анкара–Нигде и за кратко, несвесно, ја пречекорив брзината. Почитувањето на ограничувањата е обврска за сите“, напиша тој, додавајќи дека во иднина ќе биде повнимателен.