Skip to main content
Филм

Турскиот актер Халит Ергенч познат како Султан Сулејман осуден на казна затвор

27/05/2025  21:30

Познатиот турски актер Халит Ергенч, најпознат по улогата на султанот Сулејман во серијата „Сулејман Величествениот“, се најде во центарот на медиумското внимание откако беше осуден на година и 10 месеци затвор.

Пресудата ја објави турската државна агенција Анадолија, а се работи за случај поврзан со масовните протести во 2013 година во Истанбул.

Ергенч беше вклучен во процесот како сведок, но беше обвинет за лажно сведочење во текот на истрагата. Тој тврдеше дека не бил во блиски односи со актерот и активист Мехмет Али Алабор, еден од клучните учесници на протестот. Сепак, фотографиите и записите од телефонските повици сугерираат поинаку.

Иако првично беше осуден на две години и три месеци затвор, казната му беше намалена поради коректното однесување на судењето и соработката со судот.

Казната е условна, бидејќи Ергенч нема претходно криминално досие, што значи дека нема да оди во затвор доколку не го повтори делото.