Skip to main content
Хроника

Турски туристи се изгубија кај Матка – спасени во координирана акција

20/01/2025  08:55

Вчера, на крајот од денот, по стемнувањето, на бројот за итни случаи 112 во Центарот за управување со кризи (ЦУК) пристигнала пријава од група странски туристи, државјани на Турција, кои се нашле во незавидна ситуација спроти ресторанот „Кањон Матка“, на другата страна од езерото, односно акумулацијата „Матка“.

Туристите информирале дека се изгубиле и дека поради мракот не можат да се движат понатаму, па побарале помош за безбедно преминување до страната каде што се наоѓа ресторанот и пешачката патека.

Регионалниот ЦУК Скопје веднаш координирал со институциите од Системот за управување со кризи, вклучувајќи ја ПС Сарај и Општина Сарај. За спасувањето било потребно пловно превозно средство – чамец, за да се обезбеди нивниот премин преку езерото.

Според повратните информации, акцијата била успешно изведена за околу еден час, при што туристите биле безбедно извлечени од местото каде што се нашле и префрлени на безбедна локација.

Овој настан уште еднаш ја истакнува важноста на брзата и координирана реакција на надлежните служби, кои обезбедија безбедност и заштита на посетителите на овој природен бисер.