
Танкер за сурова нафта во сопственост на компанија од Истанбул бил цел на напад со морски и воздушен дрон рано утрово во водите на Црното Море, во близина на Босфорот. Според првичните информации, бродот претрпел сериозни оштетувања, но засега нема повредени членови на екипажот.
Станува збор за танкерот „Алтура“, кој е во сопственост на компанијата „Пергамон Шипинг“ и превезувал околу 140.000 тони сурова нафта од руското пристаниште Новоросијск. Инцидентот се случил на околу 14 наутички милји од Босфорот, што дополнително ја зголемува загриженоста за безбедноста во овој чувствителен поморски регион.
Според турските медиуми, нападот се случил околу 00:30 часот по локално време, кога екипажот забележал дека машинската просторија почнува да се полни со вода. Веднаш бил испратен сигнал за помош.
На повикот реагирале три бродови на турската крајбрежна стража, како и едно цивилно пловило кое се наоѓало во непосредна близина. Во тек се активности за стабилизирање на танкерот, кој пловел под знамето на Сиера Леоне, како и за спречување на евентуална еколошка катастрофа.
Истрагата за нападот е во тек, а засега не е познато кој стои зад нападот со дронови врз танкерот.
