
Турската национална авиокомпанија „Türk Hava Yolları“ (ТХЈ) со свечен настан во техничкиот хангар во Истанбул го претстави својот 500-ти авион во флотата – Airbus A350-941, именуван „TK Aile“. Авионот е посветен на вработените и пензионерите на компанијата, а во неговиот дизајн се вклучени фотографии од повеќе од 100 илјади членови на „ТК семејството“.
Во рамки на промоцијата беше организиран и специјален лет со ознаката „TK500“, при што авионот полета од Истанбул и изведе симболична рута над Турција, цртајќи го бројот 500 на небото заедно со логото на компанијата. Со овој потег, од ТХЈ порачаа дека се означува почетокот на нова развојна фаза, наречена „вториот период на 500“.

Според податоците од апликацијата „FlightRadar24“, специјалниот лет бил најследен во светот во моментот на неговото реализирање. На настанот присуствуваа претставници од авијацискиот сектор, раководството на Истанбулскиот аеродром, сегашни и поранешни менаџери и вработени во компанијата, како и деца на загинати борци од сите 81 провинција во Турција и актери од познатата реклама на ТХЈ снимана во Игдир.
Претседателот на Управниот одбор и Извршниот комитет на ТХЈ, проф. д-р Ахмет Болат, изјави дека 500-тиот авион претставува симбол на долгогодишниот развој на компанијата и нов почеток. Тој потсети дека компанијата во 2003 година располагала со 65 авиони, додека денес со повеќе од 500 авиони лета до 356 дестинации на шест континенти. Целта, како што посочи, е до 2036 година флотата да достигне 1.000 авиони.
Болат најави и нови проекти во соработка со турското Министерство за туризам, меѓу кои и план за привлекување на два милиони туристи од Кина, како дел од стратегијата за понатамошен раст на компанијата и развој на туризмот.

