
Комбинацијата од фасцинантни плажи, културно наследство, развиена туристичка инфраструктура, атрактивни искуства низ цела година, гостопримство и врвна гастрономска понуда, продолжува да ги носи странските туристи во Туркије. Од вечниот град, Истанбул, до познатите самовилски оџаци во Кападокија или сончевите брегови на Анталија, земјата и натаму потврдува зошто го носи епитетот врвна туристичка дестинација. Лесно достапна од сите делови на светот, Туркије останува сигурна дестинација за туристи од целиот свет и важен центар за големи меѓународни настани. За оваа година е предвиден богат календар на светски конференции, големи концерти и спортски натпревари, што дополнително ќе ја оживее туристичката сцена.
Не случајно Истанбул, со директните летови од главните светски транспортни центри, е првиот избор за организација на вакви манифестации. Од април до крајот на годинава во градот се планирани Истанбулскиот филмски фестивал, водечкиот Саем за современа уметност, Акбанк џез фестивалот, Истанбулскиот театарски фестивал, Истанбулскиот музички фестивал, како и Истанбулскиот џез фестивал, чии нови изданија подготвено ќе ги дочекаат љубителите на уметноста и културата. Живата музика ќе остане во центарот на уметничката сцена, со настапи на светски музички ѕвезди во текот на целата сезона 2026. На пример, за мај се најавуваат концертите на Андреа Бочели и Канје Вест, за јуни се планирани настапите на Скорпионс и Пет Шоп Бојс, јули е резервиран за перформансот на Горилас, додека, пак, за септември се очекува концертот на Блек Кис.

Нема да изостанат ниту спортските настани, а меѓу најзначајните се издвојуваат Финалето на Лигата на Европа на УЕФА во мај, Босфорската меѓуконтинентална пливачка трка во август, Европското првенство во одбојка за жени 2026 во август и септември, како и велосипедските трки Истанбул Тур и турската етапа на Тур д’Франс во септември, а меѓу октомври и ноември, пак, ќе се одржи и Претседателската меѓународна јахтинг трка.
Врвни настани со разновидна програма се планирани и за другите делови од Туркије. Особено се издвојуваат Фестивалите на културната рута, дел од Европска асоцијација на фестивали, кои ќе траат осум месеци, а оваа година го одбележуваат своето шесто издание. Овој голем фестивалски циклус ќе почне во април во Шанлıурфа, а ќе заврши во ноември во Адана, опфаќајќи вкупно 26 градови.
Една од највпечатливите дестинации за значајни настани е Анталија, позната по својата блага клима во текот на целата година. Покрај културните настани како светски познатиот Фестивал за опера и балет Аспендос, градот во ноември ќе биде домаќин и на големи меѓународни собири, меѓу кои Конференцијата на Обединетите нации за климатски промени, како и Меѓународниот астронаутски конгрес. Со своите бројни можности за спорт, градот ќе биде домаќин и на значајни спортски настани како Тур на Анталија, Ранталија маратон, како и голф-турнирот Туркиш ерлајнс опен. Разновидна понуда на настани има и во Мугла, каде што Бодрум се издвојува со меѓународниот џез фестивал, а Мармарис и Фетије се познати по своите Ултра Трејл трки во април. Во Измир годината ќе биде исполнета со концерти, меѓу кои настапот на Крис Ајзак во јуни, но и со популарниот Алачати Херб Фестивал, кој секоја пролет се одржува на полуостровот Чешме.

Подалеку од крајбрежјето, најдобар начин да се доживеат волшебните карпести формации на Кападокија е посетата на Фестивалот на балони со топол воздух во јули, додека во октомври, Саломон Кападокија Ултра Трејл, кој се одржува по 13-ти пат, привлекува тркачи и авантуристи од целиот свет. Во април посетителите можат да учествуваат на Карневалот на цветови од портокал во Адана, а Коња, пак, секоја година е домаќин на Фестивалот на Мевлана со вртечките дервиши, кој нуди културно искуство со вековни традиции.
