
Турција во 2025 година ја посетиле 64 милиони туристи, со што земјата остварила приходи од 65,2 милијарди долари, што претставува историски рекорд, соопшти министерот за култура и туризам, Мехмет Нури Ерсој. Турција ја забележа најголемата посетеност од Русија (6,9 милиони туристи), Германија (6,75 милиони) и Обединетото Кралство (4,27 милиони). Ерсој најави цел од 68 милијарди долари приходи за 2026 година. Министерот нагласи дека туризмот во Турција веќе не се базира само на „море, песок и сонце“, туку се развиваат и културниот, религискиот, еко-, здравствениот, термалниот, гастрономскиот, конгресниот, зимскиот и крстаречкиот туризам.
Ерсој посочи дека проектите како „Наследство за иднината“ и „Ноќен музеј“, како и промотивните мини-серии, привлекле огромно внимание на глобално ниво, со епизоди кои достигнале до 32 милиони прегледи. Турција, според Светската туристичка организација на ОН, се искачи од 8-мо место по број на туристи во 2017 година до 4-то место во 2024 година, додека по приходите од туризам напредувала од 15-то место на 7-мо место.
