Турскиот министер за енергетика, Алпарслан Бајрактар, изјави дека Турција може да испорачува до 10 милијарди кубни метри природен гас годишно во Европа преку балканскиот гасовод, но потенцира дека тоа зависи од политичката волја и инвестициите во инфраструктурата од страна на европските земји.
„Турција е подготвена да придонесе повеќе за енергетската безбедност на Европа. Доколку Европа покаже политичка волја и посветеност, и се направат дополнителни инвестиции во меѓусебните врски, ќе можеме да извезуваме до 10 милијарди кубни метри гас годишно во Централна и Источна Европа преку балканскиот гасовод“, изјави Бајрактар за јапонскиот економски весник „Никеи“.
Оваа понуда доаѓа во време кога транзитот на рускиот гас преку Украина е прекинат, што беше значаен дел од европското снабдување со енергија. Договорот за транзит меѓу Русија и Украина истече на 1 јануари, а Украина одби да го продолжи поради тековната воена агресија од Русија.
Овој развој на настаните создаде нови предизвици за европската енергетска стабилност и го отвори прашањето за Турција како потенцијално клучен снабдувач и транзитна точка за гас во регионот.