Skip to main content
Магазин

Трутово млеко – „супер храна“ за која малкумина слушнале, есенва „на дофат“ првите количини произведени од нашите пчелари

13/08/2025  12:08

Од немукает, затоа досега не сме произведувале трутово млеко. Вака, сосема накусо, пчеларот Благојче Најдовски објаснува зошто се уште кај нас ја нема оваа „супер храна“, преполна со минерали и витамини, која источните земји ја користат децении наназад и како лек. Ај што многу малку во земјава слушнале за овој биолошки активен хомогенат од ларвите на трутовите (машки единки во пчелните семејства), туку на прсти се бројат и пчеларите што знаат како да го произведат. А не е потребно ништо посебно, вели Најдовски, само време, волја, љубов и од технологија – преса.

Трутовото млеко, меѓудругото, е добро за проблеми со остеопороза и фертилитет, за полови дисфункции, за зголемување на мускалната маса, за ублажување на симптомите од менопауза, за проблеми со вишок масти или висок притисок, ги зајакнува имунолошкиот и централниот нервен систем. Има висока енергетска и нутритивна вредност, на 100 грама содржи 405 килокалории или третина од дневната потреба за хранливи материи кај човекот. Составот е пет отсто протеини, еден процент масти и 94 отсто јаглехидрати.

Последните неколку години Кина и Индија прават и посебни препарати – го комбинираат трутовото млеко со матичен млеч, зашто овие два пчелни производа се надополнуваат во однос на квалитетот, позитивните својства и спецификите.

Како што информира Најдовски во разговор за МИА, македонските потрошувачи од есенва веќе ќе можат да купуваат наше, домашно трутово млеко, директно од пчеларите, а цената ќе биде неколкукратно пониска од онаа на матичниот млеч. Најдобро е трутовото млеко да се набави таму каде што се произведува, нагласува Најдовски кој освен што 30 години се занимава со пчеларство, е и магистар по земјоделски науки.  

-Трутовото млеко, како што и самото име кажува, е пчелен производ добиен со пресување на ларвите од трутовите. Станува збор за хомогена материја во вид на кремасто млеко, по боја белузликава или жолтеникава, со киселкаст вкус. Наликува на матичниот млеч, но составот му е многу поразличен. Содржи витамини, минерали, хормони, цела ризница хранливи материи. Кај нас се уште не се произведува од немукает, затоа и никој не почнал. Можеби делумно причина е и менталитетот, едноставно имаме отпор кон нови производи иако, во суштина, воопшто не се работи за некаков нов производ. Источноазиските земји, земјите од поранешниот Советски Сојуз или слободно можам да кажам од Бугарија до Кина, го користат трутовото млеко долги години наназад, и за храна и како лек, истакнува Најдовски.

Според него, во Македонија има околу 4 000 пчелари, а производители на матичен млеч се неколку стотини или отприлика, секој десетти пчелар произведува млеч. За разлика од млечот, трутовото млеко може да го произведува секој пчелар зашто постапката е многу едноставна, а нема и никакви трошоци. 

Како што објаснува нашиот соговорник, едно пчелно семејство има до 5 000 трутови кои „туку-така ги фрламе и одат курбан“, а можат и тоа како полезно и максимално да се искористат. 

-Триесет години сум пчелар, не познавам никој во земјава што произвел повеќе од три до четири килограми матичен млеч зашто тоа бара многу знаење и време. За разлика од матичниот млеч, трутовото млеко е многу едноставно за производство. Ако матичниот млеч се произведува по само неколку грама од пчелно семејство, трутово млеко може да се добие околу четири килограми. Лесно се прави во огромни количини, евтино е, не треба да имаш нива, трактор, стока или ѓубриво, доволно е само да поседуваш пчелни семејства. Постапката на никаков начин не го нарушува пчелното семејство, ниту му штети на вадењето мед, правењето прополис или кои било други пчелни производи. Значи, може да се произведе мед исто како и секоја година, а трутовото млеко ќе биде вид нус-производ. Трутовите имаат функција во пчелното семејство, оплодувачи се на матицата, но не се продуктивниот дел од заедницата. Кога во природата ќе снема полен, кон средината на летото, пчелите ги бркаат надвор трутовите, сите до еден, „5 000 одат аут“, напоменува Најдовски. 

Како проблем тој го истакнува стравот кај некои од пчеларите дека трутовото млеко ќе ја намали потрошувачката на матичен млеч. Но, тоа, вели, воопшто не е точно.

-Постои таква фама, но тоа никако не е точно. Бенефитот од млечот е повеќе од јасен и докажан, а благодетот од трутовото млеко е само надополнување што, исто така, е научно потврдено. Во моментов во Македонија се бројат на прсти пчеларите кои проиозведуваат трутово млеко, но, сепак, многу е важна и едукацијата на потрошувачите. Сакаме да им укажеме на луѓето колку е корисен овој производ, да ги научиме дека е подобро да ги превенираат болестите кои во најголем процент се случуваат поради небалансираниот, современ начин на исхрана. Истовремено, сакаме да ги охрабриме пчеларите да го произведуваат, укажува уште еднаш нашиот соговорник.

Додава и дека цената се уште не е формирана, зашто се уште го нема во продажба.  

-Засега не би лицитирал со цената на трутовото млеко, зашто се уште го нема во продажба, но е неколкукратно поевтино, до десеттина пати од матичниот млеч чија цена достигнува и 2 000 евра за килограм, дециден е Најдовски.

Бенефитите, потенцира, се научно докажани, но, за жал, ретко кој од македонските потрошувачи е воопшто запознаен со нив. Повеќето не ни слушнале за трутово млеко.

-Луѓето кај нас не се запознаени со овој производ зашто ние пчеларите не сме го промовирале. Со оглед на составот, може да се користи и како храна и како лек кај сите возрасти. Содржи се што човек може да замисли од микро и макро елементи. Се употребува за проблеми со остеопороза и фертилитет, за полови дисфункции, за зголемување на мускалната маса, за ублажување на симптомите од менопауза, за проблеми со вишок масти или висок притисок. Има цела палета заболувања кај кои може да помогне. Практично, ја надополнува, ја балансира рафинираната храна што ја консумираме секојдневно која, знаеме, е една од најчестите причини за појава на болести. Низ источните земји трутовото млеко се продава како суплемент и така се третира, како додаток на храната, а го има буквално секаде, во маркети, продавници за здрава храна, аптеки, кај производители,…, објаснува Најдовски.

Чувањето на трутовото млеко е специфично зашто е термолабилно, па откако ќе се „извади“ мора што поскоро да се конзервира. За тоа има повеќе начини – во алкохол, со замрзнување,…, постојат неколку методи.  

-Најдобро е трутовото млеко да се набави таму каде што се произведува. Државата овозможи продажба од „куќен праг“, па луѓето ќе може да го купуваат директно од пчеларите, подвлекува Најдовски.

Тој и неговите колеги моментно се максимално посветени на информирање и едукација на потрошувачите, но и на пчеларите. За дозирањето и начинот на користење се подготвуваат посебни видео материјали кои ќе бидат бесплатно достапни за граѓаните (потрошувачите), додека за пчеларите (за начинот на производство) ќе има специјални упатства.

-Од трутовото млеко корист ќе имаме сите, пчеларите ќе остварат дополнителен приход и ќе бидат попрофитабилни зашто се работи за „нов иновативен производ“, ќе се обезбеди подобра исхрана за граѓаните и ќе се зачувува биодиверзитетот. Моментно учиме од бугарски експерти како да произведуваме трутово млеко, нагласува Најдовски. 

Тој потсетува дека Здружението за рурален развој „Јавор“ од Зрновци реализира проект „Паметен соларен пчеларник“, чија главна цел е да се создадат услови за профитабилно пчеларство преку производство на нови иновативни производи врз база на пчелни трутови во услови на климатски промени. Проектот е поддржан од ЕУ и Владата на Црна Гора преку регионалниот проект „EICEE-Екосистем за екоиновации и циркуларна економија на Западен Балкан“.