Skip to main content
Свет

Тројца мртви во иранските напади врз Израел пред најавениот почеток на прекинот на огнот

24/06/2025  08:16

Израелските служби за вонредни ситуации утринава објавија дека три лица утринава загинале во ирански ракетен напад врз јужен Израел, неколку минути пред очекуваниот почеток на примирје меѓу двете земји.

„По ракетениот напад врз југот на Израел: Во оваа фаза, тимовите на MDA прогласија три лица за загинати“, објави Маген Дејвид Адом, израелски еквивалент на Црвениот крст, на X, додавајќи дека осум лица се повредени.

Сведоците слушнале експлозии во близина на Тел Авив и Бершеба во централен Израел. Израелските медиуми објавија дека една зграда била погодена и дека три лица биле убиени во ракетен напад врз Бершеба.

Иранската државна телевизија денеска го потврди прекинот на огнот, додавајќи дека нивниот непријател бил „принуден“ да се согласи на него, додека речиси во исто време, израелската армија објави нов ракетен оган од Иран.

Израелската војска соопшти дека неколку ракети биле испукани од Иран кон Израел во раните утрински часови во вторник.

Американскиот претседател Доналд Трамп синоќа објави договор за прекин на огнот меѓу Иран и Израел, кој завојуваните страни официјално не го потврдија.

„Под претпоставка дека сè ќе се одвива како што треба, како што ќе се одвива, би сакал да им честитам на двете земји, Израел и Иран, за нивната издржливост, храброст и интелигенција да го завршат она што треба да се нарече „Дванаесетдневна војна““, напиша Трамп на Truth Social.

Според условите наведени во соопштението на Трамп, Иран прво треба да го почитува примирјето, а потоа и Израел, а доколку двете страни ги исполнат условите, војната би можела да биде запрена по 24 часа.

Израел, на кого му се придружија и САД за време на викендот, од 13 јуни започна напади врз нуклеарните постројки на Иран откако тврдеше дека Техеран се приближува кон нуклеарно оружје. Иако ирански функционер претходно потврди дека Техеран се согласил на прекин на огнот, министерот за надворешни работи на земјата рече дека нема да има крај на непријателствата сè додека Израел не ги прекине нападите.