Skip to main content
Економија

Трипуновски: Земјоделците, задругите и преработувачите да ја поддржат кампањата „Македонско најдобро”

20/07/2025  12:50

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Цветан Трипуновски синоќа од Новаци ги повика сите земјоделци, земјоделски задруги и преработувачи да се регистрираат на дигиталната платформа www.makedonskonajdobro.mk со што ќе ја поддржат кампањата „Македонско најдобро”. 

-Нашата цел е јасна, наместо да увезуваме, да избираме домашни земјоделски производи и преработки, порача Трипуновски кој присуствуваше на Фестивалот на жетвата во општина Новаци.

Притоа напомена дека Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство (МЗШВ) ќе продолжи  да ги поддржува традиционалните настани и манифестации зашто преку нив ќе се зачува нашата традиција и ќе се промовира локалниот туризам. 

МЗШВ вчера официјално ја почна кампањата „Македонско Најдобро: Наша традиција, наша гордост”, која има за цел да го зајакне домашното земјоделско производство и да ја подигне свеста за квалитетот на македонските земјоделски производи. Главни цели на кампањата се: зголемување и зајакнување на домашното земјоделско производство, обезбедување просперитет на руралните средини; подигнување на свеста за квалитетот, автентичноста и значењето на домашните производи, како и обезбедување полесен пристап на граѓаните до домашните земјоделски производи и преработки.