Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски со деканот на Факултетот за ветеринарна медицина – Скопје, проф. д-р Деан Јанкулоски потпиша Договор за користење на финансиска поддршка за инвестиции за подобрување на генетскиот потенцијал на млечни крави во земјава преку употреба на сексирано семе и ембрио-трансферот во износ од 13.500.000 денари.
Финансиската поддршка се доделува во висина од 100% од вредноста на инвестицијата но не повеќе од 13.500.000 денари со вклучен ДДВ.
Истата се доделува согласно дел II став (2) мерка „Техничка поддршка во земјоделството и руралниот развој” точка 1.8 „Други трошоци и инвестициони вложувања за воспоставување и спроведување на мерките за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој” подточка 1.8.7 „Инвестиции за подобрување на генетскиот потенцијал на млечни крави во државата преку употреба на сексирано семе и ембрио-трансферот” од Програмата за финансиска поддршка на руралниот развој за 2024 година.
Соработката помеѓу Министерството и Факултетот за ветеринарна медицина – Скопје ќе продолжи затоа што преку нивната работа се поттикнува технолошкиот развој во говедарството како сточарска гранка и ветеринарството.
Покрај грижата за здравјето на животните, Факултетот игра значителна улога и во јавното здравство и тоа преку обезбедување здрава и квалитетна храна од анимално потекло.