
„Оној што денес сака да се појави како спасител, всушност е најголемиот уништувач на македонското земјоделство”, изјави министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски, на денешната собраниска седница.
Министерот посочи дека првиот предмет поднесен до надлежните институции се однесува на фирма од Струмица, блиска до тогашната власт и денешна опозиција. Во периодот од 2019 до 2022 година, фирмата добила 19 договори за закуп на земјоделско земјиште, со предвидена предметна инвестиција од над 2,5 милиони евра. Управителот намерно бил под 40 години за да биде ослободен од тригодишна закупнина, а обврската за инвестиција воопшто не била исполнета.
„Веднаш по преземањето на власта беше извршена контрола и кај овој субјект, кој управува со илјадници хектари квалитетно земјоделско земјиште, беше утврдено дека кај над 11 договори предметната инвестиција не е реализирана. Договорите не биле раскинати, а субјектот во меѓувреме искористил над 485 илјади евра субвенции”, појасни министерот Трипуновски.
Тој потсети дека тогашниот министер Љупчо Николовски бил должен да спроведува редовни контроли, но тоа не се случувало. Од собраниската говорница, министерот Трипуновски покажа и еден од спорните договори.
Министерот го посочи дека и вториот случај се однесува за злоупотреба поврзана со земјоделско земјиште чиј договор бил раскинат во 2021 година, но Министерството не ги известило Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој и Агенцијата за катастар на недвижности, иако тоа е законска обврска.
„Поради ова, фирмата продолжила да прима субвенции. Во периодот од 2021 до 2023 година незаконски земала над 19 милиони денари буџетски средства”, посочи министерот.
Како трет случај, министерот ја истакна незаконската распределба на грантови за микропроизводители на вино во 2022 и 2023 година.
„Министерството нема надлежност да доделува грантови. За тоа постои Платежната агенција. Но тогашниот министер самоволно доделил над 80 милиони денари преку јавни повици, спротивно на процедурите, критериумите и законите”, рече министерот Трипуновски.
Дополнително, комисиите што ги доделувале грантовите биле составени од само три члена, а претседател на една од комисиите бил претседател на партиска комисија за земјоделство.
Министерот посочи и дека Николовски вршел партиски унапредувања во Министерството, без согласност од Министерството за финансии, а по заминувањето од функцијата не ја раздолжил техничката опрема во вредност од над 300.000 денари.
Како последен пример, министерот Трипуновски го наведе заемот од KfW Банка во висина од 90 милиони евра, земен во 2019 година за реконструкција на системите за наводнување.
„Од 2019 до 2024 година не е преземена ниту една активност. Поради оваа негрижа, државата исплатила над 2 милиони евра само по основ на камати. Толку бил заспан тогашниот министер и неговата администрација, дури не ја формирале ниту проектната единица, иако тоа е законска обврска”, заклучи министерот.
