Skip to main content
Забава

Три вообичаени грешки при полнење гориво со кои го оштетувате вашиот автомобил

28/03/2025  11:16

Иако полнењето гориво изгледа како рутинска задача, многу возачи прават грешки кои долгорочно можат да го оштетат моторот и целиот систем за гориво на возилото.

Експертите советуваат да обрнете внимание на неколку клучни детали при следната посета на бензинската пумпа.

Малите промени во вашите навики за полнење може значително да го продолжат животниот век на вашето возило, да го намалат ризикот од скапи поправки и да придонесат за заштита на животната средина. Следниот пат кога ќе застанете на бензинска пумпа – потсетете се дали правите една од овие грешки.

Возите „на резерва“
Една од најчестите грешки е чекањето да се запали светлото за гориво, па дури и возењето додека иглата не падне на дното. Се препорачува да се наполни гориво штом нивото ќе падне под една четвртина од резервоарот. Причината е едноставна: со текот на времето, нечистотиите се таложат на дното на резервоарот, кои, кога нивото на горивото е ниско, може да навлезат во системот и да ги оштетат инјекторите, филтрите и другите компоненти.

Кај дизел моторите, снемувањето гориво може дополнително да ја усложни ситуацијата и да предизвика посериозни дефекти.

Неравилно го одложувате капачето на резервоарот
Друга честа грешка е неправилно одложување на капачето при полнење гориво. Наместо да го остават да виси од каросеријата, возачите треба да го закачат или да го стават на одреденото место од внатрешната страна на капакот на резервоарот за гориво. Ова спречува внатрешноста на приклучокот да се валка и потенцијално да внесува нечистотии во горивото, што може да предизвика дополнителни проблеми во работата на моторот.

Точите гориво и по првиот „клик“
Полнењето гориво „до горе“ откако пиштолот автоматски ќе го прекине протокот е лоша навика на многу возачи. Овој „клик“ покажува дека резервоарот е наполнет до оптимално ниво. Ако продолжите со полнење, ризикувате да се прелее горивото, што може да го оштети системот за вентилација, да ја загади околината, да го зголеми ризикот од пожар и непотребно трошите пари.