Skip to main content
Свет

Три години живеел со телото на мртвиот брат, го нашле мумифициран

11/08/2025  20:39

Италијанската полиција пронајде мумифицирано тело на маж, најверојатно неговиот брат, во куќата на еден човек во градот Леко во близина на Бергамо.

Како што е утврдено, телото му припаѓало на Анџело Спреафико, а се верува дека починал пред околу три години. Зошто неговиот брат не ги известил властите за ова и не го погребал, сè уште е непознато.

Медиумите пишуваат дека починатиот Анџело работел во фабрика и дека кон крајот на пандемијата на Ковид во Италија ја изгубил работата, по што се повлекол од луѓето и се изолирал во куќата што ја делел со својот брат.

Соседите знаеле дека по отпуштањето се повлекол во себе и не сакал да се среќава со луѓе, поради што на почетокот не им било чудно што не го виделе. Сепак, поминале месеци и години, но сè уште немало ни трага ни глас од Анџело, па на крајот ја повикале полицијата.

Кога патролата пристигнала и затропала на вратата, братот на Анџело ја отворил. За време на претресот на куќата, го пронашле телото на несреќниот човек мумифицирано во кревет. Во овој момент, нема индикации дека починал од насилна смрт.

Братот веднаш бил приведен и однесен на сослушување, каде што ќе мора да објасни зошто не ја пријавил смртта на Анџело.

Медиумите пишуваат дека браќата живееле сами и дека имале посебни влезови во куќата. Телото на Анџело е испратено на обдукција, со цел да се утврди точната причина и времето на смртта.

извор Канал5