Skip to main content
Македонија

Три години и четири месеци затвор за раководителот од Маврово – фатен на дело со поткуп

19/06/2025  14:57

По поднесеното обвинение од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција против С.Е., сега осудениот во целост призна дека ги сторил кривичните дела Примање поткуп и Примање награда за противзаконито влијание и наводите во обвинението. Основниот кривичен суд Скопје му изрече осудителна пресуда врз основа на признание на вина и му одреди казна затвор во траење од три години и 4 месеци. На предлог на јавниот обвинител, судот одлучи да се конфискуваат сите парични средства во вкупен износ од околу 11.600 евра што во моментот на претресот беа пронајдени кај сега осудениот, што претставува примена на инструментот на проширена конфискација предвиден во член 98-а од Кривичниот законик. Парите се одземаат бидејќи обвинителството докажа дека тие ги надминуваат законските приходи на сторителот и дека постои основано уверување дека и тие потекнуваат од кривично дело против службената должност.

Истражната постапка беше отворена во март годинава кога во угостителски објект сега осудениот in flagranti бил фатен од страна на полициските службеници.Обвинителството го товареше дека како службено лице – раководител на Одделението за урбанизам, комунални дејности, локален економски развој и заштита на животна средина во Општина Маврово и Ростуше, во периодот од јануари 2025 година, во неколку наврати во Гостивар и Скопје директно побарал поголема имотна корист за себе за да изврши службено дејствие кое морал да го изврши и дека директно примил награда за трети лица за да со искористување на своето реално влијание интервенира да се изврши службено дејствие што морало да се изврши.

Како раководно службено лице кое одлучува во управна постапка и како член на Комисија за урбанизам, осудениот на претходно договорени средби, побарал од еден подносител на барање паричен износ најпрво од 16.000 евра, а потоа го намалил барањето на 13.000 евра. Парите се согласил да му бидат исплаќани етапно онака како што течела управната постапка, притоа уверувајќи го пријавителот дека средствата се за сите членови на Комисијата кои треба да одлучуваат по барањето за да постапат во побрз рок. За првото дејствие побарал 4.400 евра, но на 19.03.2025 година во угостителски објект во Скопје примил 2.000 евра бидејќи сведокот му кажал дека само толку може да обезбеди во тој момент и притоа беше уапсен на лице место при приемот на парите.