Skip to main content
Забава

Три часовно шоу и смеа до солзи: Атанас и Тино два пати викендов ја наполнија салата Јане Сандански во Скопје

24/11/2025  16:27

Вчера, неделата 23 ноември, се одржа второто закажано стендап шоу на Атанас и Тино насловено “На линија”, а салата Јане Сандански во Скопје беше претесна за да ги собере сите фанови на ова познато хумористично дуо. Првиот настап се случи два дена порано, во петокот на 21 ноември, а како што изјавија тие, тоа беше само загревање.

Можеа да се видат и помлади и повозрасни граѓани, но сите во еден глас речиси три часа се смееја до солзи.

За почеток шоуто го отворија Александар Михајловски попознат како “Син на мајка” и Антонио Ташковски попознат како “1човек”.

Иако нивниот настап траеше кратко време тие успејаа да ја кренат на нозе целата сала и да ја подготват публиката за главните актери на шоуто. Се пошегуваа за своето семејство, за своите пријатели и колеги, а си дадоа и некој “комлимент” меѓусебно, па ги најавија Атанас и Тино.

Познатото актерско и хумористично дуо пак веднаш се фатија да се шегуваат за своите пријатели познатите рапери Тони Зен и Слаткар, но не застанаа таму. Тино и откри на публиката дека неодамна станал татко, па ги подготви и сите идни родители во публиката со она што ги чека понатаму, секако на свој претпознатлив хумористичен начин.

И двајцата се познати по тоа што немаат “влакна на јазикот” и уште веднаш ги предупредија децата да излезат надвор, но секако немаше човек кој не заврши со солзи во очите од смеа. Како на речиси секој нивен настап побараа помош од публиката за да им кажат поговорки кои понатаму импровизирано, во моментот, на сцената ги искористија во својот настап, со што уште еднаш ја докажаа своја големина и талент.

Публиката со аплауз ги награди по речиси секоја искажана реченица и со широки насмевки и полни срца смеа си замина дома, не жалејки ниту денар.

Минатата година Атанас и Тино успеаја истата сала да ја наполнат четири пати, па како тргнале по се изгледа ова стендап шоу може да им прерасне во предновогодишна традиција, бидејќи публиката е жедна за квалитетен хумор и повеќе вакви културни настани!

Наталија Јосифоска

Фото: ТикетсХ