Skip to main content
Македонија

Трет лет: Македонци извлечени од Катар, Кувајт, Саудиска Арабија и Бахреин

12/03/2026  00:56

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски информираше дека успешно е реализирана евакуацијата на третата група македонски државјани од Блискиот Исток.

Како што соопшти Муцунски преку објава на социјалните мрежи, вечерва на Меѓународниот аеродром во Приштина пристигнал третиот организиран лет со патници кои претходно биле евакуирани од Катар, Кувајт, Кралството Саудиска Арабија и Кралството Бахреин.

Патниците најпрво биле транспортирани со организиран превоз до Ријад, од каде со специјален лет безбедно го напуштиле регионот.

Во авионот имало вкупно 151 патник, од кои 109 се македонски државјани, додека останатите се државјани на повеќе други земји. Евакуацијата, како што посочи министерот, била реализирана врз основа на однапред подготвен план и во координација со надлежните институции.

„Безбедноста на македонските граѓани останува наш највисок приоритет. Министерството за надворешни работи и надворешна трговија и понатаму стои на располагање на сите наши државјани кои имаат потреба од поддршка во погодените региони“, наведува Муцунски во објавата.