Skip to main content
Македонија

Трендафилов: Владата и газдите си играат со животите на работниците

23/01/2026  23:40

Претседателот на Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ), Слободан Трендафилов, најави нови протести и можен генерален штрајк во јавниот и приватниот сектор поради неизвесноста околу зголемувањето на минималната плата.

„Владата и работодавачите си играат со работничката судбина, со работничката пот и со работничките животи. Времето кога разговаравме и се надевавме на договор заврши“, изјави Трендафилов за „Трилинг“.

Тој потенцира дека третина од вработените во Македонија живеат со плата под прагот на сиромаштијата и дека синдикатот нема да потклекне на притисоците. „Ако сакаат да не слушнат на маса, мора да не слушнат од улица“, додаде Трендафилов.

Според него, притисоците врз синдикатот биле постојани во 2025 година, вклучувајќи упади во синдикални организации и обиди за создавање „жолт“ синдикат кој ќе работи во интерес на власта и работодавачите.

Трендафилов го критикуваше и ставот на министерот Дурмиши дека минималната плата ќе се зголеми од 1.500 на 2.000 денари во март, како и изјавата на претседателот на Стопанската комора, Бранко Азески, кој рече дека работниците можат да не ја добијат утврдената покачена плата.

„Работниците не можат да врзат крај со крај. Додека тие уживаат во луксуз, работниците бараат основни средства за живот. Тоа е притисок што не смее да се игнорира“, рече Трендафилов, нагласувајќи дека работниците имаат избор да заминат во странство ако не ги најдат условите за пристоен живот во Македонија.

ССМ најавува продолжување на протестите и блокадите сè додека владата и работодавачите не ги слушнат барањата за покачување на платите.