Skip to main content
Македонија

Трендафилов: Работници беа под силни притисоци и закани за да не излезат на протест

29/01/2026  22:43

Претседателот на Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ), Слободан Трендафилов, во вечерашното издание на емисијата „Топ Тема“ говореше за, како што рече, сериозните притисоци и закани со кои се соочувале вработени со цел да бидат обесхрабрени да учествуваат на протестот за повисоки плати.

„Во текот на вчерашниот ден до нас пристигнуваа огромен број информации за притисоци врз вработени кои сакаа да дојдат на протестот. Можеби бројот на учесници ќе беше и двојно поголем. Имавме и таканаречени штрајкбрејкери помеѓу редовите на синдикатите. Тие се највиновни и најмногу ги разочаруваат работниците, бидејќи синдикалци се тие што им се закануваат, праќаат соопштенија и ги убедуваат своите членови да не излегуваат на протест“, изјави Трендафилов.

Според него, и покрај притисоците од страна на раководствата и директорите, голем број работници сепак се охрабриле и излегле да го изразат своето незадоволство.

„Во Македонски пошти имавме директен притисок, и тоа лично кон мене како претседател на ССМ, со закани за тужба, со единствена цел да се замолчат работниците и тие да не излезат на протест. Денеска добивме информации дека и во Тутунскиот комбинат Прилеп еден од директорите, за кого утре ќе го објавиме и името и презимето со фотографија, им се заканувал на вработените во никој случај да не дојдат на протест во Скопје. Слични притисоци имало и врз вработените во образованието“, нагласи Трендафилов.