Skip to main content
Македонија

Трендафилов: Пратениците нека дојдат пеш, како и работниците

09/02/2026  16:40

Претседателот на ССМ изјави дека на утрешната блокада ќе учествуваат и раководството и членството на УПОЗ, синдикатот на вработените во управата, правосудството и граѓанскиот сектор, кој неодамна, заедно со КСС, постигна договор со Владата за зголемување на платните додатоци за 40 проценти до 2028 година.

Според Слободан Трендафилов, целта на блокадата е да се испрати јасна порака до пратениците поради, како што рече, повеќе од една година одолговлекување и блокирање на законските измени за минималната плата. Тој нагласи дека игнорирањето на барањата за повисока минимална плата и за намалување на примањата на функционерите директно го погодува животниот стандард на граѓаните.

Трендафилов посочи дека за истиот период, секое домаќинство во земјава месечно губи околу 9.500 денари, колку што е зголемена вредноста на синдикалната минимална кошница.

Говорејќи за утрешната блокада на законодавниот дом, Трендафилов потврди дека тој ќе почне во 9 часот, кога ќе бидат блокирани улиците „Даме Груев“ и „11 Октомври“.

„Согласно закон, најмалку по 21 човек се потребни на двете локации за да ги блокираме пратениците, но ве покануваме сите што можете да ни се придружите. Пратениците сè уште се прават глуви на иницијативата на ССМ за зголемување на минималната плата и на останатите плати за 100 евра, како и за последната иницијатива на ССМ за намалување на нивните плати за 80 проценти, односно да си ја намалат основицата за пресметка на плата од просечна на минимална плата и да ги намалат нивните коефициенти на сложеност“,изјави претседателот на ССМ.

Според претседателот на ССМ, ваквата иницијатива е темелена на Уставот и законите и ако биде усвоена, ќе биде законска.

„Имајќи предвид дека веќе најавуваат намалување на нивните коефициенти за процентот на порастот на просечната плата или колку што си пресмета гувернерот на Народната банка (Трајко Славески) за 9,2 проценти, па јавно ги прашуваме како ќе биде уставно и законски да ги намалат процентите, односно коефициентите на сложеност на нивните плати за 9,2 проценти, а да не ги намалат за 80 проценти. Како 9 проценти ќе биде уставно и законски, а 80 проценти е неуставно и незаконски“,рече Трендафилов.

Тој додаде дека пратениците први ќе се соочат со гневот на работниците, бидејќи нема да можат да ги наплатат патните трошоци за доаѓање на работа кои се движат од 100 евра па нагоре.

„Со тоа ќе им покажеме дека онака како што работниците доаѓаат на работа пеш или со јавен превоз, така ќе треба и тие да дојдат и да им покажат на работниците дека сочувствуваат со нивната мака затоа што ниту трошоците за превоз и храна како што бара Сојузот на синдикатите на Македонија не ги гласаат во Собрание за да имаат право работниците на таквите трошоци“,изјави Трендафилов.