
Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) соопшти дека вредноста на синдикалната минимална потрошувачка кошничка за месец февруари е зголемена за 969 денари и сега изнесува 67.382 денари. Податоците денес ги објави претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов, пренесе Скопје1.мк.
Според синдикалните пресметки, за само два месеци трошоците за живот се зголемиле за 1.890 денари, додека во изминатите 24 месеци – период во кој, како што велат од ССМ, минималната плата не е зголемена – вредноста на минималната кошничка пораснала за повеќе од 10.000 денари.
Од ССМ посочуваат дека растот на животните трошоци директно го намалува животниот стандард на работниците, обвинувајќи дека политичарите, како што наведуваат, „се пресметуваат на грбот на работниците“.
„Последните денови слушнавме дека политичарите традиционално кога се во опозиција ги поддржуваат работниците, а кога се на власт се против нив без исклучок“, изјави Трендафилов.
Тој се осврна и на објавените податоци за просечната плата за 2025 година, која е зголемена за 9,6 проценти, посочувајќи дека ваквото зголемување ќе значи и раст на платите на функционерите, бидејќи, според него, не е направена промена на основицата од просечна во минимална плата, ниту се намалени коефициентите на сложеност за 40 проценти.
Од ССМ оценуваат дека, додека трошоците растат, најавеното усогласување на минималната плата од 1.666 денари не е доволно да го компензира поскапувањето, додавајќи дека работниците реално стануваат посиромашни.
Синдикатот повторно апелира за итно зголемување на минималната плата и мерки за заштита на животниот стандард на граѓаните.

