
Платите во Македонија лани не се зголемија, додека инфлацијата остана меѓу највисоките во регионот, поради што аргументот дека растот на минималната плата ќе предизвика нов инфлаторен бран е неоснован. Вака оцени претседателот на Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ), Слободан Трендафилов, коментирајќи го барањето минималната плата да се зголеми на 600 евра.
Во интервју за емисијата „360 степени“ на МРТ 1, Трендафилов истакна дека Владата и работодавачите со години го користат истиот изговор, иако фактите го покажуваат спротивното.
„Минатата година платите не мрднаа, а имаме една од највисоките инфлации во регионот. Во соседните земји платите се зголемија поради добрата волја на владите, кои видоа дека работниците тешко живеат и тешко се справуваат со растечките трошоци на живот“, рече Трендафилов.
Според него, искуствата од регионот покажуваат дека зголемувањето на платите не довело до дополнителен инфлаторен притисок, што, како што вели, отвора сериозно прашање за ценовната политика во Македонија.
„Ако во државите од регионот нема дополнителен притисок врз инфлацијата, тогаш значи дека газдите во Македонија се прилично алчни“, изјави претседателот на ССМ.
Трендафилов посочи дека кај нас цените веднаш растат кога поскапуваат суровините, горивата или транспортот, но речиси никогаш не се намалуваат кога тие поевтинуваат. Тој го илустрираше ова со примерот со основните прехранбени производи, како јајцата, каде што зголемувањето на цените било оправдувано со раст на цената на суровините на светските берзи, иако тие биле набавени многу порано, по значително пониски цени.
Во однос на односот на Владата кон социјалниот дијалог, Трендафилов оцени дека пристапот е несериозен и дека одговорноста неоправдано се префрла врз синдикатите и работодавачите.
Тој посочи дека Владата можела да покаже солидарност преку отворање дебата за платите на функционерите. „Зошто Владата не рече: ќе ги намалиме функционерските плати и ќе ја поделиме разликата со работниците и капиталот“, праша Трендафилов, потсетувајќи дека функционерските примања најчесто се движат од 100.000 до 180.000 денари.
Претседателот на ССМ откри и дека минатата година постоела конкретна понуда од работодавачите за зголемување на минималната плата на 500 евра, доколку државата ги покрие придонесите. Со таков модел, според неговите пресметки, околу 200.000 работници со плати под 30.000 денари би добиле покачување од околу 6.000 денари, додека државата би инкасирала дополнителни 120 милиони евра годишно во фондовите.
Наместо тоа, вели Трендафилов, синдикатите биле маргинализирани, а нивната репрезентативност доведувана во прашање.
Тој заклучува дека најголемиот двигател на инфлацијата не се платите, туку високата јавна потрошувачка и недостигот од соодветни фискални и монетарни мерки, додавајќи дека аргументот за инфлација како последица од раст на платите е конструкција што служи само како оправдување да не се подобри стандардот на работниците.

