Skip to main content
Македонија

Трендафилов до Владата: За своите плати менувате закони за еден час, а работниците две години ги лажете за 600 евра!

26/02/2026  20:28

Работниците во Македонија преживуваат со мизерни плати, додека надлежните имаат слух само за своите привилегии, алармира претседателот на Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ), Слободан Трендафилов, во гостувањето на „Ноќно студио“ na 4TV.mk

Тој упати остар прекор до Владата и работодавачите, нагласувајќи дека трпението на работниците е при крај, објави 4news.mk

Трендафилов потсети дека барањата на ССМ се јасни: минимална плата од најмалку 600 евра и линеарно зголемување на сите останати плати за минимум 6.000 денари. Иако големиот протест од 28 јануари ги изненади и исплаши властите, Синдикатот премина во втора фаза – таргетирани блокади со мал број луѓе кои предизвикаа уште поголема нервоза кај функционерите.

„Видовме дека пратениците можат да дојдат и пешки на работа и да не наплаќаат патни трошоци како да возат на керозин. Со само 21 човек ги блокиравме раскрсниците и влезовите на институциите за да им покажеме дека работникот е тој што го движи системот, но и тој што може да го запре,“ истакна Трендафилов.

Тој изрази огромно разочарување од брзината со која пратениците ги изменија законите за да си ги задржат своите енормно зголемени плати од 79%, додека за покачување на минималната плата на работниците се чека повеќе од две години.

„За да си ги зачуваат своите високи плати им требаше само еден час, а за законот за минимална плата им требаат две години. Тоа е срамно,“ вели првиот човек на ССМ.

Синдикатот остава рок до крајот на февруари за надлежните да седнат на преговарачка маса и да понудат конкретно решение за зголемување на платите. Доколку и овој рок биде игнориран, ССМ најавува уште порадикални чекори во одбрана на егзистенцијата на македонскиот работник.