Skip to main content
Македонија

Трендафилов бара функционерите една година да живеат со 500 евра плата!

01/04/2025  14:40

Претседателот на Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ), Слободан Трендафилов, денеска на прес-конференција повика сите избрани и именувани лица во државата една година да примаат минимална плата од 500 евра.

Тој изјави дека подава рака кон 1.080 функционери, но очекува и тие да поддржат измени на Законот за минималната плата, со што работниците би добиле загарантирани 500 евра месечно.

„Еве јавно подавам рака, да не ми се лутат. Не му текна на никого од опозицијата, ниту на никого во позицијата, ниту на претходната опозиција. Мене ми текна, и затоа повикувам сите да имаме минимална плата и ништо повеќе од тоа“, изјави Трендафилов.

Оваа изјава доаѓа откако пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Бране Петрушевски, го обвини претседателот на ССМ за висока плата. Петрушевски тврди дека Трендафилов во 14 месеци инкасирал 1.688.000 денари.

Во одговор, Трендафилов го нарече несериозно пратеник со плата од над 118.000 денари да критикува синдикален лидер кој прима 60.000 денари.

„Очекувам на следната прес-конференција Петрушевски да каже и кој број чевли носам. Ако промаши, сè што кажал досега е лага“, рече Трендафилов.

Тој додаде дека ССМ не се финансира од буџетски средства, туку од членарината на 70.000 работници.

„Замислете што ќе беше ако 200.000-250.000 работници беа дел од ССМ? Тогаш ниту оваа, ниту која било наредна Влада ќе можеше да се дрзне да не напаѓа и да се обидува да не разединува, само за да не ни се зголемат платите“, порача Трендафилов.

Од ВМРО-ДПМНЕ продолжуваат со критиките, тврдејќи дека некои членови на раководството на ССМ примаат дополнителни приходи од активности надвор од синдикатот.