Skip to main content
Економија

Тренчевска: Работниците не живеат од Пи-Ар – туку од плати кои мора да растат

01/04/2025  12:11

Минималното покачување на платата од 1.800 денари е далеку од доволно за работниците, порача денес Јована Тренчевска од СДСМ. Според неа, ова не е вистинска грижа за животниот стандард, туку само козметичка мерка на власта која продолжува да ги игнорира реалните потреби на народот.

„Со ваков пристап, работниците и натаму остануваат со најниски плати во регионот, додека цените секојдневно растат. Потрошувачката кошница достигна речиси 64.000 денари – две минимални плати не стигнуваат ни за основни месечни трошоци“, рече Тренчевска.

Таа истакна дека ДПМНЕ ја турка минималната плата без социјален дијалог, без консултации со синдикатите, и ја нарече „срамна и неодговорна“ одлука која ги потценува сите работници во државата.

Во спротивност, СДСМ на денешната собраниска седница го предлага Законот за ослободување од плаќање придонеси за зголемени плати. Со овој закон, платите може да се зголемат од 3.000 до 15.000 денари, без дополнителен товар за компаниите.

„Ова е конкретна економска мерка – за 400.000 работници, за стопанството, за економијата. Не сме сите исти. Додека едни трошат за манго, папаја и Пи-Ар, ние се бориме за достоинство и реален стандард“, порача Тренчевска.

СДСМ, вели таа, останува на страната на работниците. Партијата ќе продолжи да нуди решенија за повисоки плати, подобар живот и сигурна иднина.