Skip to main content
Свет

Трамп: Зеленски е последната личност од која ни треба помош

15/03/2026  11:07

Во истото интервју за NBC News во кое американскиот претседател Доналд Трамп рече дека не е сигурно дали новиот ирански врховен лидер Моџтаба Хамнеи е воопшто жив и дека во војната со Иран најмногу го изненадила одлуката на Иран да ги нападне американските сојузници во регионот, Трамп се осврнал и на украинскиот претседател Володимир Зеленски.

Трамп ја оправда својата одлука за привремено укинување на дел од санкциите врз руската нафта поради порастот на глобалните цени. „Сакам светот да има нафта. Сакам и ние да ја имаме“, рече тој. Додаде дека санкциите, кои беа воведени по руската инвазија на Украина во 2022 година, „ќе бидат вратени штом ќе помине кризата“.

„Многу е потешко да се постигне договор со Зеленски отколку со Путин“

Запрашан за критиките од некои странски лидери за укинувањето на санкциите, Трамп не одговори директно, но го критикуваше украинскиот претседател. „Изненаден сум што Зеленски не сака договор. Кажете му на Зеленски да склучи договор бидејќи Путин е подготвен да го стори тоа“, рече тој во телефонски разговор.

„Многу е потешко да се постигне договор со Зеленски“, додаде американскиот претседател.

Трамп, исто така, ја отфрли понудата од украинскиот претседател Володимир Зеленски, кој претходно овој месец понуди да им помогне на американските сили и сојузниците на Блискиот Исток да пресретнат ирански дронови, нудејќи го искуството на украинската војска во соборувањето на руски дронови.

„Не ни треба помош“, рече Трамп, додавајќи дека „Зеленски е последната личност од која ни треба помош“.

Трамп одби да коментира дали САД ја прифатиле помошта од Украина со технологијата за пресретнување беспилотни летала.

„И даваме некои информации на Украина“

Зеленски објави дека Украина веќе испратила експерти во три земји од Блискиот Исток. „Земјите од Блискиот Исток ни се обратија и нè замолија да го споделиме нашето искуство во пресретнувањето на ирански „шахидски“ беспилотни летала за време на масовни напади. Затоа веќе испративме експертски тимови во три земји“, напиша тој.

По објавата, еден ирански политичар изјави дека Украина станала „легитимна и законска цел“ за Иран бидејќи понудила да помогне во одбраната од ирански беспилотни летала.

Запрашан да коментира за извештаите дека Русија споделува разузнавачки информации за локацијата на американските сили со Иран, Трамп одговори: „Русија можеби споделува информации, а можеби и не“.

Тој додаде дека САД исто така „работат против нив“. „Ние даваме некои информации на Украина и се обидуваме да воспоставиме мир меѓу двете нации“, заклучи тој.